Голем број домови во Појасот Газа беа поплавени денеска како последица на обилните дождови предизвикани од бурата Даниел, соопштија официјални лица, пренесува Анадолија.
По големата материјална штета и големиот број загинати во Либија, невремето доцна синоќа стигна и до палестинските територии.
„Нашите тимови беа ангажирани на десетици задачи како резултат на невремето што го погоди Појасот Газа во средата наутро“, изјави портпаролот на палестинската служба за цивилна заштита Махмуд Басал во Газа. Тој потврди дека многу куќи се поплавени.
Палестинската метеоролошка агенција ги предупреди граѓаните на „можност за обилни дождови во некои области“.
Бројот на загинатите како последица на бурата „Даниел“ и придружните поплави на истокот на Либија надмина 6.000, а неколку илјади се уште се водат за исчезнати.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во понеделникот соопшти дека бројот на исчезнати лица по поплавите надмина 10.000.