Ковачевски: Измените на Кривичниот законик се направени согласно законодавствата на ЕУ

Премиерот Димитар Ковачачевски денеска повтори дека измените во Крвичниот законик, за кој имаше забелешки во јавноста дека се донесени експресно и без претходна јавна дебата, се усвоени со цел да се помогне во зголемувањето на ефективноста и ефикасноста на правосудниот систем.

Тој одговарајќи на новинарски прашања, по извршениот увид во отпочнување со градежни работи за изградба на затворен пливачки базен во Општина Карпош, изјави дека нема злоупотреба на европското знаме при носење на измените, кои како што рече се направени согласно законодавствата во ЕУ.

Премиерот рече и дека нема ништо спорно и во однос на тајмингот, односно нивно усвојување во период кога се прават напори за обезбедување на мнозинство за уставните измени, нагласувајќи дека откако е донесен законот не се случило ништо драматично и оти тоа покажува дека не е правен за нешто или за некого, туку за зголемување на ефикасноста на системот. 

-Ако некој разговара со ЕУ на дневно ниво тогаш тоа го прави Северна Македонија, бидејќи ние и Албанија во моментов водиме скрининг процес со ЕУ. Сите процеси кои се водат кај нас на некој начин се комуницирани со ЕУ. Кај нас во државата многу пати се забележува на спорост, со право бидејќи најголем дел од работите во многу области одат споро, а кога нешто ќе оди брзо, мислам дека не треба толку да му се забележува. Она што го видов од Американската амбасада е дека тие кажаа дека ќе го разгледаат тоа што е донесено, истото тоа го кажа и ЕУ, истакна Ковачевски.

Направи споредби со германското и словенечкото законодавство, нагласувајќи дека тоа се примери по кои се воделе.

-Измените кои беа направени се направени согласно законодавства кои важат во ЕУ. Ако го погледнете германското законодавство, тогаш членот кој кај нас се коментираше во однос на тоа дека сега е избришан дел од него, токму така е и во германското законодавство.  Ако ја погледнете висината на казните и ја споредите со Словенија, тогаш ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што претходно го имавме е закон во кои казните беа од некое комунистичко време, бидејќи беа направени од јас го нарекувам некој Дарт Вејдер на македонското судство и обвинителство и тоа не значи дека не треба да се променат, изјави Ковачевски.

Тој рече дека придобивките од измените е воведување на проширена конфискација, односно поедноставување на постапката за запленување имот, кој е незаконски стекнат, како и скратување на времето на водење на судски случаи. Нагласи дека и со новиот Кривичен законик, кој се уште не е влезен во владина процедура, ќе се направи детална класификација на кривични дела, врз основа на кои некој може да биде гонет.

-Кога сме кај незаконските дела предолго време кај нас голем број на незаконски дела беа подведувани под еден ист општ член, според кој ќе беа обвинети десетина луѓе и потоа сите се прашуваа до каде е целиот случај. Сега и со новиот Кривичен законик, кој е подготовка и кој верувам дека скоро ќе влезе во собраниска процедура се дефинираат 422 кривични дела врз основа на кој може да биде гонет, секој кој што злоупотребил одредена позиција или прекршил закон, изјави премиерот.  

Во однос на тоа дали тие измени ќе го опфатат и случајот со 27 април, Ковачески кажа дека за тоа прашање детали може да даде Министерството за правда.

-Факт е дека затворите се пренатрупани, постојат во светот и други инструменти во однос на казнување. Министерството за правда подолго време работи на тоа законско решение и министерот Лога имаше јавно излагање и досега не слушнав лоши коментари, но тоа нема да опфаќа дела кои се од потешка природа и точно се наведени делата, кои се прифатени. Точно за ова прашање ќе ве информира прес службата на Министерството за правда, случајот не се вика 27 април, туку за него има конкретно дело, рече Ковачевски.

Американската амбасадорка Анџела Агелер вчера изјави дека правниот тим на американската Амбасада ги разгледува измените во Кривичниот законик.

-На тоа прашање одговоривме во петокот, правниот тим на американската Амбасада ги разгледува, јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам и како што кажавме во соопштението на Стејт депарметнот потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава, рече амбасадорката вчера на почетокот на работата за изградба на Коридорот 8.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, вчера, пак, изјави дека во моментот во Брисел се разгледуваат промените на Кривичниот законик во нашата држава.

– Мислам дека тие во моментов се разгледуваат од нашите колеги во Брисел и верувам дека наскоро ќе има одговори на тоа прашање, одговори Гир.

Собранието со европско знаменце и во забрзана постапка ги помина минатата недела измени на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција, а претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Треба да знаете
Последни објави