Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од следната недела ќе работи со зголемен капацитет на терен, a доколку не се почитуваат најавените одлуки за намалување на цените на прехранбените производи ќе ги затвора продажните места. Со законски измени, што ги најавува Министерството за економија, инспекторите на ДПИ ќе можат да затвораат објекти и без да поминат судските постапки.
Директорот на ДПИ Горан Трајковски денеска по состанокот со сопствениците на осум синџири на маркети најави дека следната недела во вторник на владина седница ќе бидат дефинирани мерките што ќе бидат преземани, доколку бидат утврдени неправилности во врска со намалувањето на цените на 50 основни прехранбени производи.
-Во моментов со законите се опфатени глоби со кои има забрана за вршење на дејност и одземање на стока, но би сакал да почекаме до вторник на владината седница каде што точно ќе биде дефинирано. Сите овие одлуки се за поздравување, јас видов позитивна атмосфера кај трговците, кои ќе разговараат со снабдувачите и сите заедно треба да ги спуштат цените, бидејќи сите сме свесни дека во изминатите месеци цените се енормно зголемени, рече Трајковски на прес-конференција по состанокот на кој присуствуваше и министерот за економија Крешник Бектеши.
Доколку не бидат почитувани одлуките кои ќе бидат донесени, тој најави дека ќе следува затворање од страна на Државниот пазарен инспекторат, иако, вели, не сакаме тоа да се случи. – Доколку сме приморани и увидиме неправилности ќе го сториме тоа, бидејќи тоа е во интерес на сите нас и на граѓаните на оваа земја, посочи Трајковски.
Како што најави министерот Бектеши, Министерството за економија во текот на следната недела ќе направи измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите на ДПИ за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки. Од среда, посочи тој, ДПИ со зголемен капацитет ќе биде на терен.