Со голем Аеромитинг во сабота, 16 септември, на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје, ќе биде одбележан јубилејот – 100 години Македонска авијација. За настанот најавена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство, падобранци од нашата земја и пријатели на клубот од целиот регион.

Специјални гости ќе бидат воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат воени авиони, суперсонични пресретнувачи на Српското воено воздухопловство. Во низок лет ќе лета и патнички авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.Хероите на летните пожари, македонските Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување ќе летаат во формација, а ќе се вклучат и македонските полициски и армиски хеликоптери.
Во програмата предвидено е да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи. Падобранци ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации.Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот. Влезот на аеромитингот е бесплатен, а обезбеден е и бесплатен превоз.
На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.