Воени и цивилни воздухоплови, како домашни така и од Србија, Италија и Грција ќе изведуваат акробации и ќе ги покажа нивните перформанси на утрешниот аеромитинг по повод 100 години македонска авијација организиран од Аероклубот Скопје.
Помеѓу воените авиони кои ќе летаат утре ќе има Миг-29, Ф-16, Еурофајтер, воени хеликоптери и друго. Сепак, еден од поважните моменти ќе биде изложениот македонски воздухоплов „Илинденка“.
„На овој аеромитинг имаме и голем настан кој успеавме да го реализираме благодарение на напорите на Владата и барањето кон српскиот претседател Александар Вучиќ да ни се дозволи во времетраење од една година во Македонија да дојде воздухопловот кој има огромна историска важност. Едрилицата ‘Илинденка’ ние ја сметаме за светиот грал на воздухопловството“ рекоа од Аероклубот Скопје.
Од таму соопштија дека оваа едрилица е автентичен македонски проект изработен во фабриката „20 Мај“ во Скопје, каде што имало сериоско производство.
„Овој воздухоплов има свои успеси на регионално ниво, на европско ниво. Многу македонски пилоти го имаат летано, а прекинала да се употребува кон крајот на 60тите години од минатиот век. Во моментов е зачуван само еден примерок, кој ќе биде поставен на аеродромот Стенковец, во спеицијален дел отворен за посетителите“ рекоа од Аероклубот.