Министерот Спасовски во Тирана се сретна со истакнати македонски личности кои работат во Албанија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој престојува во работна посета на Албанија, денеска во Тирана, се сретна со македонски истакнати личности кои работат во Албанија.

– Со задоволство остварив средба со македонски истакнати личности од Република Северна Македонија кои работат и делуваат во Албанија, а заедно со Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Албанија, објави министерот Спасовски на Фејсбук.

Оценува дека Северна Македонија и Албанија имаат заедничка европска иднина и заеднички го европеизираат регионот.

– Нашите пријателски односи ги пресликуваме во политичката, безбедносната, културната, економската соработка, со фокус на инфраструктурно поврзување, како и олеснување и забрзување на постапките кои се во надлежност на МВР, а секако и креирање на можности за иновации, раст и развој на бизнисите, културна и трговска размена – сѐ она што подразбира подобрување на општествено-економскиот живот во двете држави, на нашите сонародници Македонци во Албанија, а согласно нашиот воспоставен концепт „Го слушаме гласот на секој еден”, наведува тој.

Покрај другите на средбата присуствивала и претставничката на македонското малцинство во албанскиот владин комитет за малцинства, Марјана Костофски.

– Големо задоволство изразувам кон министерот Спасовски за средбата, на која го информирав за мојата активност во Комитетот, како и финансиски поддржаните проекти, како што тоа беше неодамна испечатениот и промовиран фотоалбумот „Народни носии на македонското малцинство во Република Албанија“ на авторот Никола Ѓурѓај, кој е значаен документ за вековното постоење на Македонците на овие простори. Моите напори се насочени за поддршка и на други проекти и активности во интерес на нас Македонците, рече Костофски за МИА.

Додаде дека вакви средби со високи претставници на матичната земја се повеќе од добредојдени и потребни. 

Треба да знаете
Последни објави