Околу 13.000 американски работници во автомобилската индустрија денеска излегоа на штрајк бидејќи синдикатот и три компании не постигнаа договор за зголемување на платите.
Членовите на синдикатот на Обединетите авто-работници (UAW) стапија во штрајк во три погони за автомобили. Во фабриката на General Motors во Венцвил (Мисури), фабриката на Ford во Вејн во близина на Детроит (Мичиген) и фабриката Stellantis Jeep во Толедо (Охајо).
Доколку штрајкот продолжи, може да има недостиг на возила на пазарот, што би довело до зголемување на нивните цени, а прекинот на работата може да влијае дури и на претседателските избори следната година.
UAW побара од компаниите да ги зголемат платите за 36 проценти во текот на четири години. General Motors и Ford понудија зголемување од 20 отсто, а Stellantis понудија 17,5 отсто, пренесуваат медиумите.
Покрај општите зголемувања на платите, синдикатот бара надоместоци за трошоците за живот, крај на различните нивоа на плати за работните места во фабриките, 32-часовна недела со 40 часа плата, враќање на традиционалните пензии со дефинирани бенефиции за нововработените, зголемувања на пензиите за пензионерите и други ставки.
Производителите на автомобили велат дека се соочуваат со нереални барања додека развиваат и произведуваат нови електрични возила.
Тие се загрижени дека трошоците за работна сила ќе пораснат толку многу што ќе мора да ги покачат цените на автомобилите над оние што ги произведуваат странските производители во американските фабрики.