Македонската машка кошаркарска репрезентација се спушти шест места на најновата ранг-листа која денеска ја објави Светската кошаркарска федерација (ФИБА).
Со 187.4 поени, македонските кошаркари на најновиот ФИБА ранкинг се на 59. место во светски и на 30 место во европски рамки.
Ранг-листата која ФИБА ја објави пет денови по завршувањето на Светското првенство ја предводи американската репрезентација, иако остана без мундијалски медал и се пласираше на четвртото место со три порази.
Шпанија се симна на второто место, додека новиот светски првак Германија скокна осум позиции и прв пат во историјата е меѓу Топ 3 на ФИБА ранг-листата.