Убава вест за Македонија од Ријад: Охридскиот регион го задржува статусот на светско наследство на УНЕСКО, објави пред малку државниот секретар во Мнистерството за надворешни работи, Филип Тосевски, која заедно со министерките за култура и животна средина, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова е во Ријад, Саудиска Арабија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
„Задоволство е што можеме да споделиме убава вест од 45-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Ријад, Саудиска Арабија, дека Охридскиот регион 🇲🇰 продолжува да блеска на листата на светско наследство.
Заедничките напори со нашиот сосед Албанија, беа препознаени, но да не заборавиме дека нашата работа е далеку од завршена. Посветени сме на спроведување на препораките на УНЕСКО за зачувување на ова глобално богатство кое ни припаѓа на сите. Нашата колективна одговорност и солидарност се посуштински од кога било, затоа да се грижиме за Охрид и за Охридски регион!
Благодарност до сите чинители кои беа дел од оваа мисија, и чија посветеност и соработка го овозможија тоа“ стои во објавата на Тосевски.