Цените на авионските билети би можеле да станат баснословни

Европратениците во Стразбур во средата изгласаа нови правила во врска со употребата на таканаречените одржливи горива во воздушниот транспорт.

Европската авијациска индустрија е на пресвртница. Европската унија одлучи дека во следните две години речиси сите летови на аеродромите мора да користат одредено ниво на одржливо воздухопловно гориво.

Имајќи предвид дека одржливите горива за воздухопловство (SAF) во моментов се три до четири пати поскапи од керозинот, но и дека сè уште нема зелен пазар за воздухопловни горива никаде во светот, воздухопловната индустрија се соочува со исклучително тежок период. И ако владите на ЕУ не излезат и не ја поддржат оваа европска иницијатива со јавни политики, целиот товар ќе падне на грбот на граѓаните, кои ќе треба да плаќаат многукратно повеќе за авионски патувања отколку денес.

Според иницијативата „ReFuelEU Aviation“, од 2025 година авионите што полетуваат од европските аеродроми треба да користат минимум два отсто одржливо воздухопловно гориво. Тој процент ќе се зголемува со годините, па така до 2035 година минималниот износ на САФ ќе треба да биде 20 отсто, а во 2050 година дури 70 отсто.

Правилата ќе важат за сите комерцијални појдовни летови од европските аеродроми, со исклучок на најоддалечените територии, како што се Канарските Острови. Иницијативата е дел од пошироките напори на ЕУ да ја направи Европа прв т.н климатски неутрален континент, пренесува „Јутарњи лист“.

Акцентот е ставен на поголема употреба на синтетички или е-горива, добиени со претворање на електрична енергија во течно гориво. Покрај е-горивата, одредени биогорива произведени од земјоделски или шумски остатоци, алги, биолошки отпад, употребено масло за јадење или одредени животински масти, исто така се сметаат за одржливи. Рециклираните млазни горива произведени од отпадни гасови и отпадна пластика исто така се сметаат за „зелени“.

Производството на одржливи горива денес е многу ограничено, а одржливите авионски горива учествуваат со помалку од 0,1 отсто од вкупната потрошувачка на авионско гориво.

Пратеникот на Зелените Јакоп Далуде истакна дека во моментов целосното производство на одржливи горива за воздухопловство нема да биде доволно за покривање на една третина од националните летови во Шведска.

Целта на ЕУ е до 2050 година да го зголеми европското производство од неколку стотици илјади тони на 160 милиони тони годишно. Повеќе од сто производствени капацитети, вклучително и најмалку три во Франција, треба да го видат светлото на денот во Европа, со повеќе од 200.000 нови работни места.

Клучен предизвик е тоа што авиоиндустријата е особено тешко да се декарбонизира. Додека технологијата за обновлива енергија веќе овозможи премин кон електрични автомобили, камиони и други патни возила, во моментов не постои технологија која ќе го стори истото за воздушниот сообраќај.

Постојат неколку иновативни решенија, но тие се далеку од широка примена. Ербас, на пример, најави дека до 2035 година ќе го има првиот авион со нулта емисија, кој ќе користи водородни горивни ќелии. Електричните авиони, исто така, може да бидат остварлив концепт, но најверојатно ќе бидат ограничени на многу мали авиони поради ограничувањата во технологијата на батериите и капацитетот на батеријата.

Исто така, постои реална опасност цените на летовите да се зголемат доколку владите не се вмешаат и не им помогнат на авиокомпаниите да се префрлат на одржливи горива.

Треба да знаете
Последни објави