Џемперот со црна овца на Дијана продаден на наддавање за милион евра

Аукциската куќа „Сотби“ на интернет-наддавање продаде џемпер што го носела британската принцеза Дијана кусо по својата веридба со принцот Чарлс. Крајната цена е 1.143.000 долари (околу 1,07 милиони евра), што е над првично проценетото од 50.000 до 80.000 долари.

Џемперот, којшто прикажува една црна овца во низа бели единки, е најден на поткровје во март од дизајнерката Џоан Озборн. Во опиот на „Сотби“ се вели дека тоа е „магичен црно-бел мотив со овци“ и е еден од првите модни дизајни на плетена облека на Сали Муир и Џоан Озборн од линијата „Топла и прекрасна“ (Warm and Wonderful) основана 1979 година.

Во белешката во каталогот се наведува дека „го носела Дијана Спенсер во 1981 година на поло-натпревар на принцот Чарлс“.

Овој пакет вклучуваше и две писма од Бакингемската палата до модниот бренд во коишто учтиво се објаснува дека џемперот е оштетен и се бара поправка или замена.

Интернет-наддавањето беше отворено на 31 август, на 26-годишнината од смртта на Дијана во сообраќајната несреќа во Париз. „Сотби“ не го откри идентитетот на купувачот.

Треба да знаете
Последни објави