Доброволното противпожарно друштво од Кочани денеска беше домаќин и организатор на првиот Државен натпревар на добоволните противпожарни друштва, на кој имаше и гости од партнерски друштва во Хрватска и Србија.
На натпреварот учествуваа девет екипи, кои на четири различни локации во градот ги покажаа своите вештини, брзина и физичка подготвеност во извлекување повреден во пожар, прецизност при гаснење оган, спасување при поплави, совладување физички препреки, поставување противпожарна опрема и други дисциплини.
– Организирањето на натпреварот е во рамки на одбележувањето на вториот роденден на нашето друштво, кое во изминатите две години имаше голем број интервенции и активности за помош на заедницата. Покрај вежбите за пожарникарите волонтери, се одржа и мини олимпијада со прилагодени противпижарни игри за најмладите, на која учествуваа седум екипи со педесетина ученици во петто одделение од основните училишта од градот и населбата Оризари, како и од oпштините Зрновци и Чешиново-Облешево. Главната цел е да покажеме колку нашата работа е значајна и да ја подигнеме јавната свест за заштита од пожари и други елементарни непогоди, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Првото место и победничкиот пехар му припадна на ДВД „Петроварадин“ од Нови Сад, Република Србија, второпласирани беа младите членови од екипата на ДПД „Сашко Гешовски“ од Кавадарци, а третото место го освои тимот на ДПД „Саси“ од Македонска Каменица.
Плакети и признанија за учеството им беа доделени и на другите екипи и поединци, кои покажаа одлична подготвеност и вештина во исполнувањето на поставените задачи на игрите.
Во рамки на одбележувањето на вториот роденден на ДПД Кочани се одржа и музичко-забавна програма со настапат на ученици од музичкото училиште „Ристо Јуруков“, локални фолклорни ансамбли, диџеи и музички групи.