Водењето здрав начин на живот долго време се поврзува со физичкото здравје, а неодамнешните истражувања потврдија дека тоа влијае и на менталното здравје.
Седум фактори на здрав начин на живот, кои вклучуваат умерено консумирање алкохол, здрава исхрана, редовна физичка активност, соодветен сон, воздржување од пушење, избегнување долго седење и чести контакти со други, се поврзани со помал ризик од депресија, покажа истражувањето објавено во списание Природно ментално здравје.
Истражувањето беше заеднички спроведено од меѓународен тим на научници од неколку институти, меѓу кои кинескиот универзитет Фудан и Универзитетот во Кембриџ во Велика Британија.
Тимот идентификуваше седум фактори за здрав начин на живот со анализа на податоци собрани од речиси 290.000 луѓе од големата биомедицинска база на податоци UK Biobank.
Според наодите од истражувањето, меѓу седумте фактори, најзначајно влијание има спиењето од седум до девет часа навечер, бидејќи го намалува ризикот од депресија за 22 отсто. Потоа чести контакти со други, што го намалува ризикот за 18 проценти.
Редовната физичка активност го намалува ризикот за 14 отсто, краткото до умерено седење за 13 отсто, умереното консумирање алкохол за 11 отсто и здравата исхрана за шест отсто.
Истражувањето исто така покажа дека структурата на мозокот и имунометаболичките и генетските механизми може да ја објаснат врската помеѓу начинот на живот и депресијата.
Авторите на студијата наведуваат дека „наодите сугерираат дека водењето здрав начин на живот може да помогне да се спречи депресијата“.