Туниската полиција, користејќи авиони и антитерористички единици, денеска уапси стотици мигранти и заплени бродови во голема операција против шверц на луѓе во крајбрежниот регион Сфакс, клучна влезна точка за мигрантите кои имаат за цел да стигнат до Европа.
Единиците на Националната гарда на Тунис извршија рација во објекти во кои се сместени стотици мигранти, пресретнаа камиони кои превезуваа мигранти до плажите и запленија пловни објекти што ги користеа шверцерите.
Уапсени се неколку осомничени за криумчарење луѓе.
Операцијата, за која владата рече дека е наредена од претседателот Каис Сајед, се случи во моментот кога италијанскиот остров Лампедуза се бори со рекорден број мигранти кои се симнуваат од чамци што доаѓаат од Северна Африка.
Тунис е под силен притисок од Италија и Европската Унија, кои ветија една милијарда евра од фондовите на ЕУ за помош на туниската економија, во замена за запирање на протокот на мигранти до островот Лампедуза.
Околу 126.000 мигранти пристигнале во Италија со бродови од почетокот на годината, што е речиси двојно повеќе од 64.529 кои пристигнале во истиот период во 2022 година, покажуваат податоците на италијанското МВР.