Харадинај: Курти да поднесе оставка по неуспехот во Брисел или да се разреши од Собранието

Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај побара оставка од премиерот Албин Курти, по средбата во четвртокот во Брисел, со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, која заврши без никаков резултат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај вели дека доколку актуелниот премиер не преземе одговорност, тогаш е должност на опозицијата да дејствува итно за да ја однесе земјата на избори, разрешувајќи го Курти преку изгласување недоверба во Собранието.

На неговата страница на Фејсбук, поранешниот премиер напиша дека е време да се праша народот како да се излезе од оваа ситуација која, според него, е опасна и „со сериозни последици за народот на Косово“.

– Ситуацијата создадена по вчерашниот неуспех во Брисел, со тенденција за продлабочување на кризата, со сериозни последици за народот на Косово, бара итно рефлектирање од Курти и неговата влада. Тој мора да поднесе оставка и да му го врати мандатот на народот. Тоа мора да го направи дури и ако мисли дека е на вистинскиот пат. Тој е должен да го праша народот што мисли за неговите постапки. Во демократија изборите се најдобриот одговор, напиша Харадинај.

Треба да знаете
Последни објави