Во Хрватска 158 училишта се затворени од влезот во ЕУ

Според податоците на хрватското Министерство за наука и образование во претстојната учебна 2023/24 г. основно образование ќе посетуваат околу 300.300 ученици, додека во средните училишта ќе има вкупно околу 145.500 ученици, што е забележителен пад на бројот на ученици, иако податоците се уште не се целосно прецизни.

Според Ал Џезира Балканс, податоците се непрецизни, со оглед на тоа што има уште заминувања или нови уписи, но видлив е забележителен пад на бројот на ученици, што само говори за демографските проблеми со кои се соочува Хрватска, а кои стануваат се подлабоки и потешки.

Од 2013 година до денес, секоја година во Хрватска се намалува бројот на запишани ученици во прва година, при што првпат во минатата учебна година тој број падна под 36.000.

Според официјалните податоци, минатата учебна година имало вкупно 453.605 основци и средношколци, што е дури 55.600 ученици помалку од пред десет години. Процентуално, Хрватска забележала пад на бројот на ученици од 11 отсто во десет години.

За состојбата на хрватските училишта говорат и официјалните податоци на Министерството, според кои за десет години биле затворени 158 училишта – 38 матични и 120 подрачни училишта. Најбројни матични  училишта во Хрватска се оние со меѓу 301 и 500 ученици, а во минатата учебна година имало 365, односно 28 проценти.

Треба да знаете
Последни објави