Екстремно десничарската група Идентитет и демократија го номинира Илон Маск за наградата „Сахаров“

Екстремно десничарската политичка група во Европскиот парламент, Идентитет и демократија (ИД) го номинираше технолошкиот магнат и сопственик „СпејсИкс“, „Тесла“ и „Х Корп“ (поранешен „Твитер“), Илон Маск за најзначајната награда за човекови права во ЕУ, „Сахаров“, што ја доделува Европскиот парламент. 

Групацијата „Идентитет и демократија“, во која меѓу останатите членуваат францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, италијанската Лига на Матео Салвини, Алтернатива за Германија (АФД), Партијата на слободата на Австрија (ФПО) и белгиската Фламански интерес (ВБ), го номинира Маск за наградата „Сахаров“ поради неговата одлука да ги објави т.н. „Твитер датотеки“, кои се состоеја од документи за тоа како социјалната мрежа постапувала со барањата за отстранување на одредени политички објави.  

Ваквата постапка, според групацијата, претставува „одбрана на принципот на слобода на изразување“. 

Сепак, шансите на Маск да ја добие наградата се многу мали, имајќи предвид дека трите најголеми политички групации во ЕП – Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната Обновена Европа (РЕ) ја номинираа Иранката, Махса Амини, која на денешен ден пред една година почина од, како што се верува, последици на полициска бруталност, што резултираше со протести за правата на жените во Иран. 

Дополнително, групацијата Зелени ја предложи за наградата „Сахаров“ еколошката активистка од Уганда, Ванеса Накате, десничарската Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) ја номинира поранешната грузиска јавна правобранителка Нино Ломжарија, а блокот левица предложи три активистки за заштита на правата на жените. 

Добитникот на наградата до крајот на годината треба да го избираат претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и лидерите на политичките групи во ЕП. 

Наградата за слобода на мислата „Сахаров“, која вклучува и парична сума од 50.000 евра, минатата година му беше доделена на украинскиот народ, а меѓу досегашните нејзини лауреати се Нелсон Мандела, Малала Јусафзаи, Кофи Анан, Александар Дупчек, Алексеј Навални, Ибрахим Ругова, Обединетите нации, организацијата Репортери без граници и демократските опозиции во Белорусија и Венецуела. 

Треба да знаете
Последни објави