Интервју со Ангелов: Новата доктрина на гасење пожари придонесе да нема катастрофален пожар ова лето

Новиот пристап во гасењето пожари, преку силен првичен удар придонесе ова лето да немаме големи и катастрофални пожари во државата, порача во интервју за 24инфо.мк директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Ангелов зборуваше и за неговото присуство на терен но и за степенот на екипираност и подготвеност на службите во справување со непогодите.

24инфо.мк: Летото е при крај, но во државата се уште има пожари, каква е состојбата ова лето во споредба со претходните?

Ангелов: Секој ден во просек има по триесеттина пожари и сите се на отворен простор, многу од тие пожари остануваат мали, само заради брзата интервенција на територијалните противпожарни служби, на кои им изразувам голема благодарност за нивната пожртвуваност, имајќи предвид дека се со недоволен број на луѓе и со застарена техника. 

Во гаснењето на пожарите, јас користам така наречена американска доктрина, првиот момент од таа доктрина е рано дознавање и рана детекција и тука сме многу успешни затоа што сите пожари многу брзо ги дознаваме. 

Вториот момент е брз почетен удар, не чекаме, туку веднаш дејствуваме и третото начело кое го практикуваме е одржување на пожарите да останат мали, односно да не се шират.

Тука секако се и редовните постапувања, палење на контра-пожар и слично. 

Оваа стратегија се покажа многу успешна и затоа оваа година немаме катастрофален пожар. 

Даваме се од себе за да ги заштитиме пред се граѓаните, како и нивниот имот. 

24инфо.мк: Каква е состојбата со опремата и подготвеноста на екипите што секојдневно се на терен?

Ангелов: Од она што можам да го видам дел од пожарникарите имаат добра опрема, дел имаат постара опрема, но човечкиот фактор е многу важен. Во најголем дел од ТППЕ недостасуваат луѓе, а проблемот е особено забележителен во Бригадата за противпожарна заштита Скопје, каде навистина фалат многу луѓе. 

Меѓу пет до десет пожари на отворено секој ден има само на територија на Градот Скопје и на соседните општини. Затоа и јавно апелирам до Град Скопје да се погрижат и да се вработат нови пожарникари, за да има поголема ефикасност. 

За првпат откако се купени, сите три авиони за гасење пожари се во функција, летаат и ги користиме за нансеување на брз почетен удар. МВР има три хеликоптери за гасење пожари, користиме два од нив и има уште еден мач хеликоптер за извидување и тој го користиме во неколку наврати за извидување.

Тој се користи во извидување на пожари кои не можат да се видат добро од земја и во него се качувам јас или командирот на локалната противпожарна единица, надлетуваме над пожарот и носиме одлука како ќе пристапиме во гаснење на пожарот.

На располгање имаме и еден армиски хеликоптер кој го користиме само во исклучителни ситуации.

Еден пожар станува опасен, кога се губи почетна контрола и кога почетниот удар е неуспешен. Треба да се знае дека пожар не се гаси со хеликоптер, пожар се гаси со пожарникари, хеликоптерите се за не дај боже и ако немаме пожарникари на терен, пожарот нема да се изгасне во целост.

Затоа и јас лично безмалку во секој пожар со гранка учествувам во гаснењето, затоа што ако остане и едно метро неизгаснато, пожарот повторно може да се прошири.

Јас можам да координирам од канцеларија, но перцепцијата е поинаква кога си на терен, кога ќе ја видиш ситуацијата на лице место.

24инфо.мк: Колку сте задоволни од досегашниот мандат и какви се вашите планови за функционирањето на Центарот за управување со кризи?

Ангелов: Мојата визија е да се направи еден центар за менаџмент на кризи и менаџмент на итни ситуации, една единстевна институција која ќе има сопствени ресурси. Тоа значи дека од ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување треба да се формира една институција, но не двете институции да се спојат механички. 

Јас имам поинаква визија и за регионалните центри, бидејќи замислата била добра тогаш кога е формиран ЦУК, но во реалноста тоа не заживеа со полн капацитет и мојата идеа е тоа да се промени.

24инфо.мк: Колку граѓаните се запознаени за начинот на функционирање на единстевниот повикувачки број 112?

Ангелов: Во првите месеци граѓаните слабо беа запознаени со 112, но во последно време направиваме еден вид експанзија, а тоа се гледа и по растот на повиците кои доаѓаат кон 112. 

Факт е дека имаме случаи каде само со автоматски повик од телефон кој регистрирал судир или со автономен повик од возило, успеавме да спасиме неколку човечки животи ова лето. 

Добро е сите да знаат дека кога ќе се најдат во опасност или им е потребна каква било помош, со неколку панични притискања на страничните копчиња на каков било смартфон, можат да остварат повик кон 112.

Треба да знаете
Последни објави