Од крајот на август до денеска, Одделот за воздухопловни единици при МВР уште еднаш на дело го демонстрираше концептот Опремена полиција-безбедени граѓани. Упатувам честитки на колегите кои се секогаш тука и подготвени за гаснење пожари, наведува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук.
-Благодарение на успехот на припадниците на Хеликоптерската единица за полициски намени и на Хеликоптерската единица за посебни намени при Одделот за воздухопловни единци (ОВЕ), кои дејствуваа во гасење пожари низ државата – во реонот на Осинчани, општина Студеничани, селото Долгаец, општина Долнени, селото Бељаковце Општина Куманово, кој се проширил на два крака и кон селото Стрезовце во Општина Старо Нагоричане, село Кошино, општина Долнени, село Руѓенце, општина Старо Нагоричане, селото Пиперево, штипско, селата Бучинци и Ајватовци, на територија на општина Илинден, истите беа ставени под контрола.
За време на налетите за гаснење на пожарите користени се хеликоптерите на МВР (Мi171 и Bell412, Bell212) и прецизно исфрлени околу 333 тони вода врз најкритичните точки, како и со помош на локалните пожарникари, со што пожарите се изгаснати, стои во објавата.
Спасовски наведува дека откако стапил на чело на МВР, со Хеликоптерската единица бележат континуиран напредок во повеќе сегменти, не само од аспект на материјално-техничките потреби како што се реновираниот објект на Единицата, рампа за десантирање на тимови од воздух, ведро и резервоари за гаснење пожари, туку и со персоналното опремување на вработените со летечки униформи и специјална летечка опрем, и униформи за персоналот за техничко одржување.
-Со цел подобра заштита на граѓаните и имотот ја опремивме Единицата со три хеликоптери марка „Бел“, кои беа оспособени за гаснење на пожари, за да одговорат на потребите на граѓаните. Притоа, беше набавено едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“ кои ги гледаме на дело. Воедно, овозможивме успешно користење на опремата, со меѓународна обука за носење подвесен товар и за гаснење на пожари, која успешно ја завршија и се сертифицираа сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени. Во 2017 година имаше само еден хеликоптер во функција, а од 2021 почнавме со гаснење на пожари со три хеликоптери. За мене тоа е чин на вистински патриотизам, дотолку повеќе што за скоро време ќе се реализира и проектот за хеликоптер за медицински транспорт за лица, пишува Спасовски.