Саинц ја прекина серијата победи на Верстапен

Шпанецот Карлос Саинц од тимот на Ферари е победник на трката во Формула 1, за ГН на Сингапур. Ова е втора победа за Саинс во кариерата, откако првата ја оствари во минатата сезона за Големата награда на Велика Британија. Пилотот на Ферари ја прекина серијата од десет победи на актуелниот првак Холанѓанецот Макс Ферстапен од тимот на Ред Бул. Ова е прва победа на Ферари по Австрија минатата година кога славеше Шарл Леклер. „Летечкиот Холанѓанец“ Ферстапен трката ја стартуваше од 11. место и не успеа да се вмеша во борбата за највисок пласман, на крајот го освои петтото место.

Ферстапен по дваесетина круга успеа да стигне до второто место, користејќи го влегувањето на безбедносното возило на патеката. Сепак, тактиката со помалку влегувања во боксот се одрази врз брзината на болидот, па тој наскоро потоа загуби неколку позиции и се оддалечи од борбата за подиумот.

Финишот на трката беше возбудлив, откако Расел со својот Мерцедес по менувањето на гумите делуваше максимално брзо во последните десетина круга. Тој се приближи веднаш зад водечките Саинц и Ландо Норис, но не успеа да ги мине. На крајот Расел заврши со излетување од патеката во последниот круг и заврши во заштитниот ѕид, препуштајќи му го третото место на тимскиот колега Луис Хамилтон.

Четвртата позиција на денешната трка ја освои Леклер пред Ферстапен, а бодови во Сингапур освоија уште и Гасли, Пијастри, Перез и Магнусен.

Треба да знаете
Последни објави