Адеми на Конференција на претседателите на комисиите за европски прашања на државите-членки на Европската унија – КОСАК

Во рамки на шпанското претседателство со Европската Унија, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми учествува на Конференцијата на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ – КОСАК, што вчера и денеска се одржува во Мадрид, Кралството Шпанија.

Како што информираат од прес-службата на собраниската Комисија за европски прашања, конференцијата била отворена со поздравнo обраќањe на спикерот на претседателот на Сенатот, Педро Ролан Охеда, коj осврнувајќи се на шпанските приоритети, истакнал дека Шпанија го презема претседавањето во втората половина на 2023 година, во период на големи предизвици за земјите-членки и за Европската Унија во целина.

Mинистерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка, Хозе Мануел Албарес Буено и првиот потпретседател на Европскиот парламент, Отмар Карас, ги презентирале приоритетите на шпанското претседателство – реиндустријализацијата на ЕУ, постигнувањето напредок во еколошката транзиција, социјалната и економската правда и зајакнувањето на европското единство. Притоа, истакнале дека руската агресија ја загрозува безбедноста на Европа и има сериозни последици врз европската економија.

На Конференцијата било потенцирано дека овие приоритети подразбираат дека Шпанското претседателство ќе работи на намалување на прекумерната зависност на ЕУ од трети земји во областите како што се енергијата, здравството, дигиталните технологии и храната и ќе го промовира развојот на стратешките индустрии и технологии во Европа и со заедничка стратегија да се гарантира економската безбедност на ЕУ.

Било посочено дека Шпанија ќе се ориентира на реформа на пазарот на електрична енергија и повеќе обновливи извори. Во таа насока да се намали зависноста од енергија и суровини, да се намалат сметките за енергија, да се зголеми конкурентноста и да се отворат работни места. Имено, во текот на својот шестмесечен мандат, шпанското претседателство ќе се залага за зајакнување на европското единство, со координирана поддршка за Украина под принципите на обединетост и солидарност.

Треба да знаете
Последни објави