Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека до крајот на 2023 година ќе им излезе во пресрет на оние кои побараа распишување вонредни парламентарни и избори во Белград, што би значело дека тоа ќе биде на 4 март.
„Еве ќе ги објавиме до крајот на годината, на 31 декември за 4 март, мислам дека тоа е 60 дена или ако не, тогаш една недела порано, не е проблем“, рече Вучиќ во изјава за белградски медиуми.
Вели дека секако ќе одговори на барањето на опозициските партии кои побараа распишување предвремени избори.
„За тоа ќе им одговорам, тоа секако ќе се случи, подготвен сум и можам веднаш да кажам – дека сум подготвен да одржам избори согласно тоа што го напишаа, па до март“, рече Вучиќ во гостувањето на Пинк.
На прашањето дали тоа значи дека тогаш изборите ќе се одржат пред неговиот роденден – 5 март, Вучиќ рече дека така испаѓа, според напишаното од оние кои бараат предвремени избори.
Вучиќ изјави дека очекува нов притисок од Западот врз Србија во преговорите со Приштина.