Владата на утрешната седница ќе донесе одлука за намалување на цените на речиси 50 прехранбени производи од пекарската, млечната, месната и кондиторската индустрија.
Како референтна цена ќе се земе цената која била важечка на први август и таа ќе биде дополнително намалена за 10 проценти.
Тоа значи дека од среда ќе купуваме поевтини пекарски, месни и млечни продукти, а поевтинувањето на одредени производи ќе биде значително, имајќи предвид дека во последните две недели се случи бран поскапувања, па септемвриските цени се повисоки од августовските.
Со едноставна анализа на цените од први август, лесно може да се предвиди колку одредени производи ќе поевтинат во среда.
Литар млеко од македонска млекара на први август чинело 65 денари, што намалено за 10 отсто, значи дека тоа од среда би се продавало по цена од 59 денари.
Цената на литар јогурт на први август изнесувала 72 денари, што значи дека од среда тој ќе биде поевтин за седум денари и би чинел 65 денари.
Овчо сирење кое на први август се продавало за 500 денари, сега треба да се продава за 450 денари за килограм, додека мешаното сирење од 450 денари, треба да има нова цена од 405 денари.
Слично е и кај месото, свинските ребра кои сега се продаваат по 400 денари за килограм, на први август имале цена од 380 денари, што значи дека од среда тие треба да чинат 342 денари, а за околу 40 денари по килограм треба да се намали цената и на пилешкото месо.
Проценката е направена со споредба на цени на продукти во различни маркети кои биле актуелни на почетокот на месец август, а колку овие цени навистина ќе ги дочекаат граѓаните во среда наутро и кои сѐ производи ќе бидат со „гарантирана цена“ ќе се знае по утрешната седница на Владата која треба да ја донесе одлуката.
Мерката ќе важи до 30 ноември.