На граничниот премин Џепиште-Требиште, на македонско-албанската граница кај Дебар, кој со градот ја поврзува областа Голо Брдо, во летниот период од годинава забележана е видно зголемена фреквенција.
– Во периодот јуни, јули и август на преминот се регистрирани вкупно 12.798 патници. Од вкупниот број 6.366 биле за влез и 6.428 за излез, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.
Тоа, поради зголеменото присуство на печалбарите, роднинските посети, домашните веселби и секако, поради близината, доаѓањето на Македонците од оваа област на пазарување во Дебар, но и за други, пред сè здравствени услуги.
Овој премин, кој беше отворен во мај 2013 година, е од локален карактер и во летниот период работи од 8 до 20 часот, додека во зимскиот од 8 до 18 часот.
Македонците од Голо Брдо во континуитет бараат преминот да работи непречено 24 часа. Токму ова прашање беше во фокусот на средбата што деновиве во Тирана ја оствари македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот албански колега Таулант Бала.