Шаховскиот клуб „Алкалоид“ ќе учествува на Светскиот сениорски екипен шампионат за ветерани за 2023 година, кој е најсилното шаховско натпреварување за сениори/ветерани во светот, чија организација од страна на Светската шаховска организација (ФИДЕ) е доделена на Шаховската федерација на Македонија, и ќе се одржи денеска и утре, во хотел Изгрев во Струга.
Како што информираат од „Алкалоид“, согласно турнирскиот правилник, на Светското екипно првенство за сениори имаат право да учествуваат репрезентации и шаховски клубови, предуслов е да сите играчи од една екипа бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја.
-Македонскиот лидер и најуспешен клуб Алкалоид го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, со просечен рејтинг на екипата (се пресметува како просек од првите четири играчи) од 2436, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори и долгогодишни членови на клубот, но и долги години носители и на државната репрезентација, велат од клубот.
Ова прво учество на светски екипен сениорски шампионат на „Алкалоид“ кој важи за еден од најпознатите европски шаховски клубови, континуирано под спонзорство на фармацевтскиот гигант преку четири децении.
Клубот е европски шампион од 2016 и вицешампион од 2017 година, за кој настапувале врвни шаховски велемајстори вклучително и актуелниот светски шаховски шампион Динг Лирен од Кина.