Иако првите информации беа дека загинале три лица, според последните информации две лица го загубиле животот, додека најмалку 17 се повредени откако локален автобус во вторникот паднал во длабока провалија на патот недалеку од црногорската престолнина Цетиње. Подгоричките медиуми јавуваат дека во автобусот имало меѓу 30 и 35 патници. Бездната во која слетал автобусот е длабока повеќе од стотина метри, но густата вегетација го запрела на околу 30 метри под патот.
Медиумите пренесуваат дека возачот наеднаш излетал од патот и рекол на полицијата дека наеднаш почувствувал силна болка во главата. Се наведува и дека во автобусот немало деца.
На местото на несреќата се испратени сите расположливи полициски сили од Будва и Цетиње, а во Обзовица каде се случила несреќата се испратени и припадници на специјалните полициски единици. Екипите на итната помош, лекарите и медицинскиот персонал на Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица, како и на болницата во Цетиње добија препорака сите екипи да бидат подготвени да ги примат повредените.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, упати сочувство до семејствата на загинатите, изразувајќи надеж за брзо закрепнување на повредените.
„Изненаден сум од веста за сообраќајната несреќа на Обзовица. Нашите мисли се со семејствата на загинатите и повредените“, напиша Милатовиќ на социјалната мрежа X.