Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата насловена „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи”, во организација на Институтот за социјална работа и социјална, Филозофски факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и Министерството за труд и социјална политика како поддржувач и коорганизатор.
Конференцијата која е од меѓународен карактер ги обедини научната фела и практичарите од областа на социјалната работа од регионот и од светот на едно место.
Министерката ја поздрави идејата и нејзината реализација денес и наредните два дена заедно со учесниците на конференцијата да се зборува за еден толку значаен сегмент во секое општество – социјалната политика.
Институтот за социјална работа и социјална политика кој претставува посебна работна единица на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” одбележува 65 годишни од неговото основање. По тој повод министерката им посака успешната работа и уште многу високостручни и научни кадри за работа во домените на социјалната, детската и здравствената заштита како и во доменот на образованието.
Преку долгогодишниот период на наставна дејност, Институтот за социјална работа, земајќи ги предвид динамичните реформски промени на полето на социјалната политика и социјалната заштита на национално ниво, како и светските тенденции во образованието на социјалните работници, постојано работи на осовременување на концептот на студиските програми по социјална работа и социјална политика.
„Преку студиските програми се адресираат современите потреби на идните социјални работници. Програмите кои ги нудат овозможуваат едукација за недискриминирачки однос во процесот на давање услуги со посебен акцент на социјално ранливите категории на граѓани кои се соочуваат со социјални ризици како резултат на нивниот социјален и економски статус, етничка припадност, пол, возраст и друго,” рече Тренчевска.
Оттука и тесната поврзаност и соработка на Министерството за труд и социјална политика и Институтот за социјална работа. Многу заеднички проекти од социјалната сфера кои директно се насочени кон ранливите категории и обезбедувањето на можности за достоинствен живот за сите.
„Република Северна Македонија по Устав е социјална земја. Земја која се грижи за секој граѓанин и која овозможува помош и поддршка за сите. Промените во Законот за социјална заштита, проширувањето на правата кои ги добиваат граѓаните, воведувањето на нови социјални услуги за ранливите категории граѓани, развојот на иновативни заштитни пристапи покажуваат дека ние посветено работиме на комплетирање на системот на поддршка на граѓаните,” истакна Тренчевска.
Таа потенцираше дека, промените во социјалната работа течат според промените во општеството.
„Пандемијата со Ковид 19, но и економската и енергетската криза пред кои бевме исправени периодот зад нас, потребите и ранливоста на граѓаните ни покажаа колку е важен системот на социјална заштита,” посочи таа.
Таа се осврна на професионалците од областа кои ги иницираат промените.
„Претставниците на академијата се оние кои ги носат промените, ја креираат живоста на социјалниот систем и оние кои говорат гласно за секоја категорија и за правата кои треба да бидат водени. Затоа повеќе од чест ми е што сме едни од покровителите на оваа конференција. Јубилејот на Институтот за социјална работа и социјална политика, е воедно и јубилеј на нашиот систем за социјална заштита. Зошто професионалците од овој систем се оние кои ги имплементираат нашите промени, ” порача Тренчевска.