Вкупната заработка од низата наддавања во „Сотби’с“ во сите 15 галерии, со 1.400 предмети што му припаѓале на покојниот пејач Фреди Меркјури, достигна 46,5 милиони евра. Тоа е рекорд за колекција од овој вид, објави аукциската куќа.
„Сотби’с“ ги стави на аукција предметите како дел од еден вид музејска изложба што ја отвори за јавноста бесплатно, привлекувајќи повеќе од 140.000 посетители за нешто повеќе од еден месец. На интернет аукциската куќа забележала дури 41.800 понуди од целиот свет.
Речиси 99 отсто од предметите се продадени по цена повисока од првично проценетата. Исклучок е клавирот на музичарот од видот „Јамаха“, на којшто предводникот на групата „Квин“ ја компонирал својата позната „Боемска рапсодија“ (Bohemian Rhapsody). Продаден е за две милиони евра (2,2 милиони долари), што според „Сотби’с“ е рекорд за ваков инструмент, но проценките беа дека тој ќе се продаде за цена меѓу 2,5 и 3,8 милиони долари.
Сребрената нараквица со змија како мотив којашто Меркјури ја носеше во видеоспотот за „Bohemian Rhapsody“ во 1975 година. Продадена е за 881.717 долари, што е рекордна цена за парче накит, што ѝ припаѓало на рок-ѕвездата.
Изненадувањето е сребрен чешел за мустаќи од познатата златарница „Тифани“, продаден за 189.000 долари. Инаку првично се проценуваше на 500 до 750 долари.
Реткост е и зачуваната училишна книга со потпис на „Фредерик“ Булсара на предната страна, продадена за 88.786 долари. Меркјури инаку е роден како Фарок Булсара во Занзибар во 1946 година.
Понудувачите беа од 76 земји од Европа, Северна и Латинска Америка, а купувачите од 50 земји. Дел од средствата од наддавањата и продажбите ќе бидат наменети за Фондацијата „Меркјури феникс“ и Фондацијата против СИДА „Елтон Џон“, посветени на собирање пари за борба против СИДА-та. Пејачот на „Квин“ боледуваше и почина во 1991 година од оваа болест, на 45-годишна возраст.