Диви тезги и „зелени пазари“ – секојдневна масовна појава во Аеродром

Од Нова железничка, па се до населбата Лисиче, речиси и да не фреквентно место кое не е претворено во диви пиљари или „зелени пазари“ каде граѓани на диво продаваат овошје и зеленчук.

Тие редовно узурпираат јавни површини како паркинзи и тротоари со своите автомобили, комбиња и камиони и освен што го попречуваат слободното движење, се закана и за пешаците кои често мора да се движат по коловозните ленти.

Дополнително на тоа, граѓаните се жалат и за ѓубрето кое останува секоја вечер откако продавачите ќе заминат, по што гнилите остатоци од зеленчук и овошје создаваат непријатна миризба, а чести се случаите кога бездомни животни истото ѓубре го разнесуваат пред влезовите, на паркинзите и во парковите.

24инфо.мк се обрати до надлежните институции за тоа како овој проблем се решава.

Од општина Аеродром на чија територија ова е масовна појава, во писмена изјава соопштија:

„Општина Аеродром во континуитет презема мерки согласно законот за јавна чистота, а при затекнувањето на дивите препродавачи им изрекува опомени или казни“, велат оттаму.

И од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека до сега, по пријава на граѓани, но и по рутински контроли биле изречени десетина прекршочни пријави кон дивите препродавачи.

Се обративме и до Државниот пазарен инспекторат, но оттаму до објавување на овој текст, немаме добиено никаков одговор.

И додека се множат, дивите „зелени пазари“ граѓаните се се повеќе револтирани, додека општината освен со опомени, не може или не сака да најде поинаков и поефикасен начин да се справи со дивите препродавачи.

Треба да знаете
Последни објави