Експерти предлагаат реформи во Европската Унија пред проширувањето

Пред новото проширување, ЕУ треба да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во што е можно повеќе области и да спроведе бројни реформи на повеќе нивоа, како и да се посвети на целта да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, препорачуваат експерти.

Тие сугерираат за затворањето на преговарачките поглавја во процесот на пристапување во ЕУ во иднина да се одлучува со квалификувано мнозинство со цел да се поедностави процесот, но за конечната ратификација на пристапниот договор се уште е потребно едногласност.

Париз и Берлин денеска на министрите за европски прашања им презентираат извештај на експерти со конкретни предлози како да се подготви ЕУ за проширување на 30 или повеќе членки.

Експертите предлагаат флексибилна реформа на ЕУ и процесот на проширување, имено итни мерки за подобрување на функционалноста на Унијата што треба да се спроведат пред изборите за Европскиот парламент во 2024 година, како и позначајни реформи, вклучително и подготовки за промени во Европски договор, кој треба да се имплементира во следниот законодавен рок (2024-2029).

Препораките на експертите на француско-германската работна група за институционални реформи на ЕУ се однесуваат на три клучни цели: подобра заштита на основниот принцип, односно владеење на правото, институционални предизвици и управување со продлабочувањето и проширувањето на ЕУ.

Во извештајот „Едрење на отворено море: реформирање и проширување на ЕУ за 21 век“ се наведува дека ЕУ треба да има за цел да биде подготвена за проширување до 2030 година, а дотогаш кандидатите за членство треба да ги исполнат условите за пристапување.

„Новото политичко раководство по европските избори во 2024 година треба да се посвети на целта од 2030 година и да се договори како дотогаш да биде подготвено за проширување“, се наведува во извештајот.

Експертите наведуваат девет принципи кои треба да ги водат идните стратегии за проширување: „на прво место основните принципи“, геополитички фактори, решавање конфликти, дополнителна техничка и финансиска поддршка, демократска легитимност, еднаквост, систематизација, реверзибилност и гласање со квалификувано мнозинство.

Треба да знаете
Последни објави