Во Делчево продолжува санацијата на оштетената инфраструктура од невремето, информираа од Општината. Екипи на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта работи на санација на штетите на мостот на Црквенска Река пред Делчево.
– Се работи за оштетен мост на делот од магистралниот пат А3, кој беше меѓу најоштетените од невремето проследено со поплави, што го зафати Делчево во текот на месецот јуни. Во моментов таму се бетонираат темелите и стопите, а се интервенира и на регулацијата на водотекот, информираа од Општина Делчево.
Поради настанатите поплави на 14 јуни, сообраќајот во близина на оштетениот мост на Црквенска река на магистралниот пат А3, делница Македонска Каменица – Делчево, до денес се одвива наизменично, по една коловозна лента.
Паралелно, во Делчево се работи и на санација на неколку улици, што исто така беа оштетени од силното невреме.