Совет за општи работи на ЕУ имаше конструктивна размена на мислење во врска со предлогот на Шпанија за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот како службени јазици во Унијата и одлучи да продолжи да работи на шпанското барање, соопшти Европскиот совет.
– Советот расправаше за барањето на Шпанија да ги вклучи каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик во Регулативата бр. 1/1958, која ја регулира употребата на јазиците во ЕУ. Советот за општи работи ќе продолжи да се занимава со ова прашање, се додава во соопштението.
Од Советот посочуваат дека во моментов, употребата на каталонскиот, баскискиот и галицискиот на ниво на Унијата е регулирана со административни аранжмани меѓу Шпанија и одделни институции и советодавни тела на ЕУ.
Како дел од годишниот дијалог за владеење на правото, министрите на средбата дискутирале и за клучните настани поврзани со владеењето на правото во земјите членки на ЕУ.
– За време на дебатата, голем број министри го поздравија вклучувањето на препораките во извештајот на Комисијата за владеење на правото, како алатка за насочување на националните реформи. Тие, исто така, ја истакнаа важноста од продолжување на напорите за обезбедување на почитување на владеењето на правото, се наведува во соопштението и се додава дека на следното заседание на Советот во октомври, фокус ќе биде ставен на извештаите за Данска, Германија, Естонија, Ирска и Грција.
Министрите разговарале и за оценката на годишниот дијалог на Советот за владеење на правото и и изразиле широка поддршка за неговиот сегашен формат на дијалогот, кој, според нив, овозможува одржување систематски и продуктивни дискусии во отворена и конструктивна атмосфера.
Министрите разговараа и за идеи за понатамошен развој на дијалогот со цел да се консолидира и да се зајакне неговата улога. Дискусијата ќе биде дел од заклучоците на Советот за евалуација на дијалогот. Целта е да се постигне консензус за заклучоците пред крајот на годината, се додава во соопштението.