Директорот на Дирекцијата за операции на финансиските пазари, Зоран Пановски, учествуваше на Регионалната конференција за техничка анализа на финансиските пазари во организација на Здружението на пазарни техничари од Јужна и Источна Европа – СЕЕМТ. Во поздравното обраќање, Пановски истакна дека Народната банка има активно учество на меѓународните финансиски пазари, при што одлуките за инвестирање на девизните резерви ги заснова на темелна економска и финансиска анализа, со поткрепа од мноштво технички и квантитативни показатели, коишто придонесуваат за донесувањето навремени инвестициски одлуки засновани врз информации и за соодветно управување со ризиците. Притоа, тој се осврна на значењето и на техничката анализа, нагласувајќи дека со неа се обезбедуваат вредни насоки за инвеститорите и учесниците на пазарот, бидејќи може да се примени на сите финансиски инструменти, вклучително и акциите, обврзниците, стоковните продукти и валутните парови. Таа наоѓа поширока примена на пазарите на стоковни продукти и на девизните пазари, каде што има високофреквентни податоци и инвеститорите се фокусираат на краткорочните, но и повторливите, циклични движења на цените. Оттука, ја истакна потребата од натамошно зајакнување на финансиската едукација и соодветната информираност на инвеститорите, што е од извонредно значење при донесувањето соодветни инвеститорски одлуки.
Директорот Пановски истакна дека една од стратегиските цели на Народната банка е финансиската едукација и инклузија, којашто е тесно поврзана и со развојот на домашните финансиски пазари. Финансиски образованото население и финансиските експерти придонесуваат за приспособување кон промените во општеството, домашната економија и окружување, за зголемена свесност за финансиските можности и ризици, што претставува предуслов за развој на финансиските пазари.