Царинската управа се подготвува за воспоставување на оне-стоп-шоп со Косово на граничниот премин Блаце, што ќе овозможи побрз проток на стоки и луѓе, како дел од активностите што се спроведуваат за забрзување и олеснување на трговијата.
Со тоа, како што порачаа при денешната посета на граничниот премин Блаце, директорот на Царинската управа Стефан Богоев и заменик директорот Муарем Асани, се зајакнува конкурентноста на македонските компании на меѓународниот пазар и се овозможува поддршка на легалната трговија од една страна и се подобруваат условите за ефикасно спречување на нелегални активности на граница од друга страна.
-Граничниот премин Блаце е втор позначаен граничен премин на нашата северна граница, кој овозможува влез кон Косово, и движења кон Србија, Црна Гора и потоа кон Јадранското море. Со неговата модернизација придонесуваме за забрзување на трговијата и транспортот и подобрување на перформансите на македонската економија, вели Богоев.
Царинската управа значително инвестира во модернизација на граничното управување. Ова вклучува подобрување на инфраструктурата на граничните премини, поддржано со современи пристапи за забрзување на патничкиот и товарниот проток.