Обезбедување трајно намалување на цените во маркетите со посебна ознака; строго контролирање на набавувачите и целиот синџир на снабдување; транспарентност на цените на овошјето и зеленчукот и засилување на инспекциите, се мерките кои денеска ги презентираше министерот за развој на Грција Костас Скрекас, а имаат за цел заштита на потрошувачите и справување со нелојалната конкуренција и профитерството.
Скрекас истакна дека иако инфлацијата е намалена во последните месеци, остануваат инфлациските притисоци врз одредени категории производи, особено врз храната и затоа ги зајакнуваат постоечките владини мерки.
Со првата мерка се воведува специјална ознака на полицата на супермаркетите што ќе ги истакне производите за кои набавувачите ќе ја намалат цената за најмалку пет отсто за период од најмалку шест месеци, референтна цена за пресметување на намалувањето ќе биде цената пред денешниот ден, а за прекршувањето на мерката предвидени се и казни.
За да се контролираат набавувачите и синџирот на снабдување, супермаркетите со годишен промет поголем од 90 милиони евра се должни да го известат Министерството за развој за ценовниците на нивните добавувачи, а истото ќе треба да го прават и за цените на овошјето и зеленчукот, за да постои транспарентност.
Паралелно ќе се интензивираат и инспекциите, а потрошувачите ќе имаат можност да пријават непочитување на мерките.
-Главен приоритет на владата и премиерот Киријакос Мицотакис е поддршката на семејствата во услови на глобалната инфлациска криза, но и спречување на појави на профитерство од оние на кои не им е грижа за законот и не го почитуваат грчкото општество. Тие што ќе дејствуваат незаконски, тоа ќе го платат скапо, истакна Скрекас