По укинувањето на системот за ваучери за поддршка на спортот, 24инфо.мк побара став од професорот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Иван Анастасовски, за тоа како во иднина треба да се финансираат спортските друштва и клубови, но и општо спортот во државата.
„Како што знаете, Собранието донесе одлука да го поништи членот 30 од даночната регулатива, односно системот на ваучери за финансирање на спортските клубови. Сето ова се случи по анализите на Владата што таа ги презема уште од 2019 година кога беше воведен ваучер системот, и врз база на тие анализи е увидено дека тој начин на финансирање не дава сериозни резултати. Поточно се трошат пари на даночни обврзници, а резултати нема.
Спортот е структура, каде мора да има резултати. Ние за овој период не видовме резултати, ниту пак дополнителна општествено спортска вредност, некој нов Горан Пандев или Перо Антиќ, кои би ја промовирале Македонија во глобалнииот спортки камп“ посочи Анастасовски.
Во однос на новот решение, тој смета дека државата треба да се седне со сите засегнати страни, за да се најде начин како ќе функционира професионалниот спорт, но и дека фокус треба да биде и унапредувањето на развојниот спорт.
„Државата треба да се посвети на равојниот спорт, да вложува во нова, модерна спортска инфраструктура, затоа што без инфраструктура, нема иднина. Професионалниот спорт е скап и освен финансирањето важно е и менаџирањето. Затоа Владата треба да преземе чекори во носење на нов Закон за спорт. Финансирањето на клубовите да оди преку Управата за јавни приходи, со силна контрола на средствата што наменски ќе се префлаат, а истовремено, критериумите за добивање пари мора да се подигнат на повиско ниво. На тој начин би се моделирало решение со кое владата ќе ги ослободи компаниите кои имаат интерес да вложат во спортот за онолку колку што ќе вложат, а од друга страна владата преку законски решенија да ги притисне клубовите, професионално да бидат организирани и да се знае како точно ќе се трошат парите.
Мора да се знае дека компаниите не се откажуваат од профитот туку Владата се откажува од даноците од компаниите и ако клубот е професионално организиран, тие пари повторно ќе завршуваат во државната каса. Тоа ви го гарантирам“ заклучи Анастасовски.