Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, воопшто не сака да разговара за нашето барање – линеарно покачување од 3500 денари на секој пензионер, истакнаа претставниците на пензионерите кои во текот на денешниот протест беа примени во Владата на разговор со Тренчевска.
Пензионери од повеќе градови од државава денеска на Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември, протестираа пред зградата на Владата.
Координаторот на иницијативниот одбор на ниво на држава, Драган Огненовски, на протестот истакна дека нивното главно барање е линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари за секој пензионер, а не процентуално согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и промена на методологијата за пресметка на пензиите.
Тој истакна дека наскоро претставниците од Влада ќе излезат во јавност со одлуките што ќе ги донесат, после што пензионерите ќе одлучат дали се задоволни од одлуките. Доколку не се задоволни, ќе продолжат со протести.
Барањето на пензионерите, како што истакнаа, не е шест отсто, ниту 80 отсто од минималната плата, туку 18 000 денари, односно линеарно покачување од 3500 денари, да се смени методологијата и да нема проценти.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во врска со средбата информираше дека веднаш по одржаната средба во Министерството за труд и социјална политика, беше формирана и работна група, со номинирани членови на сите засегнати страни, како и дека таа работна група редовно одржува состаноци на кои се разгледуваат сите пристигнати барања и предлози од здруженијата на пензионери, Партијата на пензионери и Сојузот на пензионери на Македонија.
„Работната група работи на креирање на краткорочни и на долгорочни мерки за пензионерите. Повторно како и претходната година ќе бидат креирани антикризни-социјални мерки како краткорочно решение и се работи на измени на законот за пензиско осигурување со кое ќе се обезбеди повисока минимална пензија. Тоа е системско решение како и претходното со усвојување на новата методологијата за усогласување на пензиите, со која се обезбедува постојан раст на пензиите”, истакна Тренчевска.
Преку методологијата пензиите за нецели две години пораснаа за околу 24 отсто. Притоа се обезбедува и стабилност на пензискиот систем и редовна исплата на пензиите. Работната група кога ќе ги финализира предлозите ќе ги достави до Владата на усвојување и за тоа ќе биде известена јавноста.