Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имал средба со новоназначениот амбасадор на Словенија во земјава, Грегор Пескор, на која министерот изразил благодарност за поддршката од Република Словенија за процесите за започнување преговори со ЕУ.
Како што наведува МВР, Спасовски се заблагодарил и за добрите и пријателски односи помеѓу двете земји и одличната соработка помеѓу нивните министерства за внатрешни работи што „резултира со многу заеднички проекти, ангажмани и разни видови на соработка“.
-Дополнителна потврда на досегашната одлична соработка е и претстојната посета на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Министерството за внатрешни работи на Република Словенија, на која е предвидено да се потпише Меморандум за соработка во обезбедување развојна помош, соопшти МВР.
Словенечкиот амбасадор Пескор го поздравил континуираното подобрување на условите во кои работи македонската полиција од страна на раководството на МВР во однос на материјално-техничките средства и во поглед на зголемување на платите за вработените, како стимул за подобри резултати.
-Истовремено, од двете страни беше истакната и бескомпромисната борба на полицијата во справувањето со сите видови криминал со тенденција за продолжување и продлабочување на соработката и на оперативен план помеѓу нашите две министерства, наведува Министерството за внатрешни работи.