Поранешниот италијански репрезентативец, а сега тренер, Винченцо Монтела, е назначен денеска за нов селектор на фудбалската репрезентација на Турција.
Како што е официјално соопштено попладнево, 49-годишниот Монтела потпиша тригодишен договор и доаѓа на местото на германскиот стратег Штефан Кунц.
Турската новинска агенција Демирорерн (ДХА) објави во неделата дека Фудбалската федерација на Турција донела одлука да го отпушти Кунц откако ги критикуваше своите играчи по неодамнешниот пораз од Јапонија во пријателски натпревар.
Турската Федерација првично ја демантираше веста, но само неколку денови подоцна уследи официјална потврда дека двете страни ја прекинале соработката, која почна во 2021 година.