Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на панел-дискусија посветена на штетното влијание на дезинформациите и начините за справување со лажните наративи, која ја организираше НВО Нексус – граѓански концепт, под покровителство на НАТО Девизијата за јавна дипломатија.
На форумот насловен „Дезинформациите и руската агресија во Украина: закани, импликации и како да се спротивставиме на лажните и погрешни содржини во Западен Балкан со фокус на Северна Македонија”, министерката Петровска се осврна на новата реалност во која денес на европско тло една европска суверена, независна и демократска земја е конвенционално нападната, а останатите се соочени со канонада на лажни и извртени информации чија основна цел е да ја поткопаат довербата во институциите, довербата во општеството во целина и кај граѓаните да предизвикаат чувство на страв и неизвесност.
„Дезинформациските текови во Западен Балкан укажуваат на поврзаноста меѓу странските штетни влијанија и домашните актери кои користат дезинформациски наративи чија цел е дестабилизација на регионот и попречување на европските и евроатлантските интеграции на државите од Западен Балкан. Дезинформациите не се само медиумски проблем, тие се и безбедносен проблем”, рече министерката.
Најдобар одговор на лажните вести и дезинформациите, порача министерката, се транспарентноста и вистината, како и зацврстувањето на демократијата, владеењето на правото и јакнењето на довербата во институциите на државата.
„Во борбата со дезинформациите нема подобар одговор од транспарентноста и вистината. Нашето општество мора да функционира како еден организам, подготвен и способен да ги одврати дезинформациите. Мора цврсто да веруваме во нашата демократија и владеењето на правото, да бидеме отворени и искрени во создавањето општество засновано на правата и одговорностите на секој поединец. Мора да продолжиме да градиме едно општество за сите и мораме да бидеме подготвени и спремни да ги прифатиме нашите различности, бидејќи тие нè прават посилни”, порача министерката.
Петровска истакна дека Министерството за одбрана е во првите редови во борбата за вистината како најтранспарентна институција во државата заедно со Владата.
Дел од форумот беа и професорот Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО, професорот Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, уредникот и новинар Васко Попетревски и Ненад Марковиќ, член на Советот за безбедност и универзитетски професор.