Помалку неочекувано, актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку германски медиум директно го нападна неговиот претходник Никола Груевски дека тајно се договарал со Владата за негова слобода, на сметка на тоа да направи поделба во ВМРО-ДПМНЕ и да обезбеди пратеници кои ќе гласаат за уставните измени.
На ова возврати Груевски барајќи од него доказ дека на каков било начин се договарал со Владата.
Овие јавни препукувања го раздрмаа функционирањето во ВМРО-ДПМНЕ, членството е збунето и поделено, што се гледа и од коментарите на членовите на партијата на социјалните мрежи.
Додека едни го напаѓаат Груевски, вторите прстот го вперуваат кон Мицкоски, а трети повикуваат на единство и сплотеност.
Ваквите случувања се пресликуваат и кај фунцкионерите, па дел од нив побрзаа јавно да дадат поддршка на Мицкоски.
Таков е примерот со Тимчо Муцунски, неколку пратеници во Собранието, Унијата на ветерани, Унијата на жени…додека индиректна поддршка даваат и Владо Мисјаловски, Александар Николоски, Унијата на Млади Сили.
Контра Мицкоски и на страната на Груевски, застана довчерашниот коалициски партнер на Мицкоски, Стевчо Јакимовски кој во два наврати го нападна актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ дека самиот се договорил за уставните измени и дека сега бара виновник во ликот на Груевски.
Контра Мицкоски од поодамна е и Данела Арсовска, за која кружат информации дека веќе е во постапка на формирање партија која треба да го ослабне гласачкото тело на Мицкоски.
Но политиката е уметност на невозможното, па нема никаква гаранција дека сите функционери и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои директно или индиректно дадоа поддршка за Мицкоски, на крајот да му го свртат грбот.
Тоа впрочем еднаш и се случи при носењето на уставните измени во 2018 година, кога осум докажани вмровци се одделија од пратеничката група и спротивно на ставот на партијата дадоа поддршка на измените.
Роковите за носењето уставни измени течат, претседателските и парламентарните избори се се поблизу, а Македонија со сигурност влегува во нова, неизвесна политичко општествена фаза.