Костадиновска-Стојчевска за јубилејот на Институтот за национална историја: Минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите


Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на меѓународниот научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

Костадиновска-Стојчевска во обраќањето упати честитки за јубилејот „75 години Институт за национална историја”, како што рече, институција од огромна важност за иднината на македонската држава.

„Затоа, основањето на Институтот за национална историја во 1948 година е исклучително важен и, би рекла, далековид чин за нашата држава. Низ годините, Институтот прераснува во развиена научна установа, со респектиран научен кадар и институција подготвена да се соочи со многубројни предизвици. И во оваа пригода, на сите што го основаа, го подигнаа и го етаблираа Институтот за национална историја, им благодарам што подигнаа здрав бедем”, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура изрази уверување дека идејата на Институтот за денешната Меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности”, на која учествуваат врвни научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите.

„Наша заедничка должност е и да ја поттикнеме страста за истражување и откривање на историските процеси, особено меѓу младите. Историјата, не како товар туку како идентитетска карта на една држава која му припаѓа на европското семејство и на европските вредности. И Институтот за национална историја има огромна улога во тоа”, рече Костадиновска-Стојчевска.

На отворањето на дводневниот симпозиум, кој се одржува денеска и утре во МАНУ, се обратија и проф. д-р Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја, и проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Беа доделени и благодарници на пензионирани вработени во оваа јавна установа.

Треба да знаете
Последни објави