Со ревија на етнолошки документарен филм која денеска се одржува во кино салата на Музејот на Република Северна Македонија, почна манифестацијата Европски денови на културното наследство 2023. Манифестацијата ќе се одржува до 28 септември, а учествуваат 17 институции и невладини организации од 11 градови во државата.
Целта на Европски денови на културното наследство е вклучување на локалната заедница во заштита на наследството, промоција на инклузивноста и поттикнување на креативноста. Кај нас манифестацијата се одржува 27-ма година по ред.
Во рамки на ревијата, се прикажуваат филмовите „Семејството Адемови“ на Елизабета Конеска, „Голубарот“ на Надица Петковиќ, „Гатачката“ на Валентина Илиевска и „Самовилска вода“ на Владимир Боцев.
Како што изјави пред почетокот на ревијата координаторката на Европските денови на културно наследство, Нада Андоновска, темата на манифестацијата годинава е „Живо наследство“.
Таа појасни дека грижата за нематеријалното наследство кај нас се состои во тоа што се евидентираат се уште живите елементи на нематеријално наследство и се прават напори тоа да се промовира, со цел пошироката јавност да е запознаена со она што го имаме ние како наследство. Како што посочи, веќе имаме пет елементи на нематеријално наследство впишани на репрезентативната листата на нематеријално наследство на УНЕСКО, што претставува успех за нашата држава.
Во однос на филмовите кои денеска се прикажуваат во музејот, „Семејството Адемови“ е филм сниман во текот на 2010-2019 година, а се однесува на Јуруците, Турци кои како номади се доселиле на Балканот во 15 и 16 век.
-Главно населени во селата во источниот дел на Северна Македонија, до денес, тие фасцинираат со традиционалниот начин на живеење. Главниот лик во филмот е традиционална и силна жена која има тежок пат во нејзината еманципација. Постојано во потрага по подобар живот, нејзиното семејство многу пати го менува местото на живеење во текот на изминатата деценија. Филмот потикнува на размислувања за социјални, политички и родови прашања. Во продукција е на НУ Музеј на РС Македонија, рече Андоновска во обраќањето.
Филмот „Голубарот“ претставува видео запис којшто го отсликува животот на еден Кумановец познат под псевдоминот Челик. Одгледувањето гулаби уште од млада возраст, за него не е само хоби, туку преголема љубов кон овие птици. Но, оваа љубов и посветеност не наидува на разбирање од неговите најблиски и околината.
„Голубарот“ и „Гатачката“ се во продукција на НУ Музеј Куманово, додека „Самовилска вода“ е во продукција на НУ Музеј на РС Македонија.