Во интервју за Фронтлајн и Цивил медиа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зборуваше и за сајбер криминалот, дезинформациите и говорот на омраза на интернет, како сè поприсутни појави за кои МВР покажа дека знае брзо да реагира.
„Сајбер нападите можат да имаат далеку полоши последици одошто конвенционална војна и во овој дел Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал при МВР подолг период веќе работи на справување на ваков тип на сајбер напади, на сајбер закани коишто ги имаме, на борбата против тероризмот, радикализмот – сето тоа го опфаќа овој вид на криминал. Исто така, направивме посебни протоколи, коишто практично ги дефинираат чекорите кои што ги презема Министерството за внатрешни работи во услови кога имаме сајбер закани. Знаете дека државата беше соочена со сајбер заканите, меѓутоа, новите протоколи за проценката на сериозноста на хибридните закани практично вродија со огромен резултат во ефикасноста на Министерството за внатрешни работи”, потсети Спасовски.
Тој напомена дека во првата половина од 2022 беше регистрирано зголемување на компјутерскиот криминал во државата за некаде околу 48 проценти, во споредба со истиот период во 2021, но и дека ефикасноста во нивното расчистување изнесувала 67%, што пак придонело годинава да има намалување на компјутерскиот криминал за 7,4 проценти во споредба со минатата година, а 47,3 проценти од кривичните дела веќе се целосно расчистени.
„Говорот на омраза е неизоставен дел и тој е еден вид на организиран криминал и тука значително е зголемен обемот на активности коишто ги презема Министерството за внатрешни работи, кое притоа работи многу на градење на капацитетите за препознавање на говорот на омраза, подигањето на јавната свесност кај граѓаните дека и тој говор на омраза треба да биде пријавен и да биде санкциониран и може да констатираме дека бележиме сериозен напредок во вкупната борба против сајбер криминалот”, рече министерот Спасовски.