Цените на станбените недвижности во Германија паднаа за 9,9 отсто во вториот квартал во споредба со истиот квартал минатата година, објави денеска германската федерална статистичка служба Destatis.
Како што е наведено на веб-страницата на оваа организација со седиште во Визбаден, ова е најостриот пад на цените на станбените недвижности од 2000 година наваму.
Пад на цените е забележан и во градовите и во руралните средини, а најмалку цените паднаа во ретко населените места. Во главните седум германски метрополи – Берлин, Хамбург, Минхен, Келн, Франкфурт, Штутгарт и Дизелдорф – цените на становите во вториот квартал паднаа за 9,8 отсто на годишно ниво, а цените на семејните куќи за 12,6 отсто.
На квартално ниво, цените на станбените недвижности во вториот квартал паднаа за 1,5 отсто во однос на првиот квартал од 2023 година.