ОН се основани за да не заштитат од нашите демони и да ја издигнеме глобалната заедница кон мир, соработка и солидарност, а сепак климатската криза прави хаос, слабеат глобалните напори за борба против сиромаштијата, руската војна против Украина ја зголеми несигурноста со храната и генерира енергетска криза, го губиме чувството на итност што ни го всади пандемијата, а и напредокот во родовата рамноправност е премногу бавен, порача претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во обраќањето на 78-то Генерално собрание на ОН.
– Ние сме глобално семејство, а ОН се столбот на ова семејство. Но, како што вели генералниот секретар Гутереш, ова семејство е нефункционално. Европската Унија се стреми кон мултиполарен свет, свет кој соработува и се движи кон поголема демократија и повеќе почитување на човековите права. Но, довербата еродира. Тензиите се множат. Ни се заканува опасна биполарна конфронтација. Како сите да треба да заземаат страна еден против друг, рече Мишел.
Тој потенцира и дека Европската Унија ги поддржува предлозите за реформи на ОН и го поздравува постигнатиот напредокот постигнат во работните методи.
– Денеска би сакал да донесам нова перспектива на дебатата за реформите на ОН, како и три предлози. Едниот од нив се однесува на правото на вето. Вториот на репрезентативноста. И третиот во врска со улогата што треба да ја играат регионалните организации, рече Мишел.
Според него, правото на вето во сегашната форма се злоупотребува, што го прави Советот за беззедност немоќен, во услови кога постојана членка на СБ може флагрантно да ја прекрши Повелба на ОН и меѓународното право.
– Фактот што има право да стави вето на санкциите против себе е уште пошокантен. И тоа што го користи Советот за безбедност за пропаганда и дезинформации. Повелбата предвидува дека членка на Советот за безбедност треба да се воздржи од гласање кога таа е предмет на гласање. Ги повикувам другите членки на Советот за безбедност да се повикаат на таа клаузула кога тоа би можело да ја вклучи Русија, рече Мишел.
Тој потенцира дека ЕУ ја поддржува иницијативата на Франција и Мексико за ограничување на правото на вето во случаи на масовни злосторства, како и дека би требало да се воспостави механизам кој би ги комбинирала „мнозинско одлучување со умерено и флексибилно користење на правото на вето“.
Според него, составот на Советот за безбедност на ОН не е одраз на репрезентативност на денешниот свет, бидејќи околу 60 земји никогаш досега не биле негови членки, а цели делови од светот – Африка, Јужна Америка, Карибите, Азија – имаат мала или никаква застапеност.
– Ние ја поддржуваме глобалната реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации која ги зајакнува гласовите на овие региони и земји. Моќта и легитимноста одат рака под рака. Недостигот на репрезентативност на Советот за безбедност го поткопува неговиот легитимитет, рече Мишел.
Според него, зголемувањето на бројот на постојаните членки на Советот за безбедност е неизбежно, при што мора да им се даде поголемо значење на регионалните и континенталните организации, како Европската Унија, Африканската Унија, Заедницата на латиноамериканските и карипските држави (ЦЕЛАЦ), Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН)…
– Тие играат улога во политичката и економската координација меѓу нивните членови. Тие создаваат простори за поблиска соработка. Тие исто така стануваат простори каде се прават правила… Убеден сум дека ОН би станале полегитимни и поефективни доколку им дадат место на регионалните организации, рече Мишел, најавувајќи дека наскоро ќе покрене иницијатива за одржување на институционален самит меѓу ЕУ, АУ, ЦЕЛАЦ, АСЕАН и Обединетите нации на кој би се расправало за начините како овие организации да го зајакнат мултилатералниот систем.
Тој нагласи дека исто како „избезумената трка за нуклеарно вооружување“ во минатиот век, сега арена за геополитичка конкуренција станува вештачката интелигенција, особено во воената сфера.
– Денес, системот на Обединетите нации е заглавен во рутина и го попречуваат непријателските сили. Мораме да ја вратиме мултилатералната соработка на вистинскиот пат. Затоа вратете ја довербата. Решете ги најгорливите проблеми. Поправете го системот на Обединетите нации, порача Мишел.
Тој се осврна и на состојбата во Украина, истакнувајќи дека и покрај принципите во Повелбата на Обединетите нации за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и човековите права, во последните 19 месеци „постојаната членка на Советот за безбедност, Русија, води освојувачка војна против соседна земја која никогаш не и се заканувала, војна со сиот ужас и презир кон човечкиот живот“.
– Но, оваа неказнивост нема да трае вечно. Правдата ќе биде задоволена. Европската Унија цврсто ќе ја поддржува Украина во остварувањето на правото на самоодбрана, додаде претседателот на Европскиот совет.
Мишел укажа и на проблемот со климатските промени, посочувајќи дека иако меѓународната заедница се обврза да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени, ако се продолжи со сегашното темпо до крајот на векот тоа ќе достигне 2,5 степени.
Според него, во интерес на развиени земји е да им помогнат на државите во развој да се движат кон нето нула емисии на штетни гасови.
– Меѓународната агенција за енергија проценува дека глобалните инвестиции во енергетската транзиција мора да достигнат 5 000 милијарди американски долари годишно во 2030 година, што е повеќе од 4 отсто од глобалниот БДП, а таа бројка ќе треба да се задржи до 2050 година за да се постигне нулата емисија на јаглерод, порача Мишел.
Според него, економската и финансиската состојба на „ранливите економии“ е сериозно погодена од Ковид кризата и од војната во Украина, при што 165 милиони луѓе ширум светот се доведени во сиромаштија. Затоа, како што нагласи, наместо дебати за тоа колку пари да се донираат, потребна е реформа на глобалниот финансиски систем за да се направи поробустен, поправеден и подобро подготвен за 21. век.
Тој порача дека мора подобро да се искористи државниот капитал за да се стимулираат приватни инвестиции и да се зголеми капацитетот за кредитирање на меѓународните финансиски институции.
– Европската Унија е подготвена за прераспределба на моќта при одлучувањето. Затоа што регионите кои практично немаат збор, треба повеќе да бидат вклучат во носењето одлуки што директно ги засегаат, рече Мишел.
Претседателот на Советот на ЕУ истакна и дека на светот му треба амбициозен и правно обврзувачки инструмент за спречување, подготовка и одговор на какви било идни пандемии, во полза на сите, а особено на земјите во развој и за оние кои се најранливи, апелирајќи за завршување на преговорите за усвојување на таа рамка до мај 2024 година.
Мишел нагласи дека ЕУ е здрав светски партнер, нејзините земји членки се најголемиот светски придонесувач за развој и зачувување на мирот.
– Низ целиот свет, Европската Унија ќе продолжи да ги презема своите одговорности, со секој кој сака да работи за општото добро. ЕУ никогаш нема да дозволи да биде заплашена со насилство или уцена. Филозофот Фридрих Хелдерлин рекол: „Но, онаму каде што лежи опасноста, расте и моќта за спасување“. Соочени со опасности, имаме визија за подобар свет. Имаме моќни средства. Верувам во моќта на колективната интелигенција. Наше е да дејствуваме. Сега. Да го направиме светот поправеден, послободен и попросперитетен, порача Мишел.