Во Новаци, на само 50 метри од одлагалиштето на јаловината од Рудникот Суводол, изградена е најголемата приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – ФЕЦ Новаци која моментално е и најголема на Балканот.
Новата централа, која со работа ќе почне до крајот на месецов, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.
Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја и тоа од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Новата ФЕЦ е значајна за земјата и од вкупен економски аспект бидејќи претставува инвестиција вредна 40 милиони евра.
Соларната фарма, која зафаќа површина од 57 хектари, се состои од 101.062 фотоволтаични панели, а поставени се и над 850.000 метри различни видови кабли. Изградбата на централата, за која административните работи се започнати во 2021 година, а градежните во ноември 2022 година, е завршена за неполна година дена.
За проектирање и поставување на централата, ангажирани се консултанатски фирми и стручни лица кои повеќе од 20 години се занимаваат со изградба на централи и нивна оперативност. Изведбата целосно ја извршуваа македонски компании, а опремата е набавена од странство и дел од Македонија, согласно индустриските капацитети на државата.
ФЕЦ Новаци е изградена на целосно приватно земјиште, во соодветена класа за градба, согласно законот за градење на фотоволтаични централи. Една од предностите на локацијата, како што велат од компанијата, покрај поволните временски услови, односно големот број сончеви денови и поволната конекција за поврзување на 110 kV мрежа, е и близината на РЕК Битола.
Имено, согласно препораките на ЕУ за трансформација од производство на енергија од конвенционални централи кон централи од обновливи извори до 2030 година, и за нашиот најголем произведувач на електрична енергија, но од јаглен чии резерви се веќе при крај, постојат планови за трансформација во производител на струја од обновливи извори.
„Во време Зелената револуција, особено во енергетиката, кога преминот кон обновливи извори на енергија е присутен насекаде, во 2018 година ни се роди идеја за изградба на капацитет за проиводство на електрична енергија од она што најмногу го имаме – сонцето како обновлив извор на енергија кој секогаш е присутен. Мотив плус за инвестицијата беше и фактот дека и во нашата земја, не само поради преземените обврски за напуштање на производство на енергија од капацитети кои ја загадуваат природата, расте свеста за потребата од поголема грижа за животната средина.
Оттаму и силно се работи на реализација на стратегијата за премин кон производство на енергија од обновливи извори и задоволување на потребите од енергија од сопствени капацитети “, велат од МЕЈ Енерџи.
Новата фотоволтаична централа ќе даде голем придонес кон започнатата транзицијата на Македонија кон чисти извори на енергија и создавање систем кој ќе овозможи економија отпорна на климата, што е влог за иднината. Интензитетот на трансформација на Македонија кон на производство на енергија од обновливи извори придонесе веќе сега да биде реализиано Зеленото сценарио што, според Енергетска стратегија, беше планирано да се реализира до 2040 година и од земја во која домашно производство на струја доминантно се базираше на јаглен, сега сé повеќе стануваме земја со големо производство од обновливи извори.
Меј Енерџи која има производен период од 25 години, електричната енергија ќе ја продава на слободен пазар, првенствено на домашната економија, а доколку во даден момент домашната економија нема да има потреба од електрична енергија, истата ќе се продава во регионот во зависност од трошоците за пренос.