Со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција, вечерва во Центарот за култура во Битола официјално е отворено 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот годинава е под мотото „Прекрасното непознато“, а најавено е присуство на 400 гости.За време на свеченоста, на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу му беше врачена наградата Златна камера 300 за животен опус.
Филмот „Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук. На Фестивалот, што ќе се одржи до 29 септември, ќе бидат прикажани повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми.Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни. Актерката и продуцентка Лабина Митевска е годинашна добитничка на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ – награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година.