Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на САД по повод учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера попладне во Чикаго, како почесен гостин, присуствуваше и се обрати на донаторска вечера „Патишта кон просперитет” во организација на „Македонија 2025″.
На свеченоста, претседателот Пендаровски го одликуваше главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември”, за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.
Претседателот Пендаровски го врачи и признанието „Diaspora Recognition Awards 2023″, коешто Македонија 2025, под негово покровителство, им го додели на Стенли Томас и на Влатко Андоновски, во чест на нивните придонеси и достигнувања.