Косовскиот премиер Албин Курти во своето обраќање на прес-конференција по инцидентот на влезот во селото Бањско рече дека еден полицаец го загубил животот, а друг е повреден и дека не е во животна опасност. Тој рече дека косовската полиција ги опколила напаѓачите и ги повикала да се предадат.
– Нападите на вооружените групи и натаму продолжуваат. Има најмалку 30 тешко вооружени лица кои се опколени од нашите сили и ги повикувам да се предадат. Тие се оние кои ја напаѓаат нашата полиција. Сторителите и нивните налогодавачи ќе бидат фатени и казнети, истакна Курти по состанокот на Советот за безбедност одржан во Приштина.
Тој тврди дека напаѓачите се под опсада на косовската полиција.
– Ние сме на вистинската страна и посветени сме на спроведување на редот и мирот, рече Курти.
Тој покажа и слики од џипови без регистарски таблички, велејќи дека тие припаѓаат на лицата кои учествувале во нападот во Бањско. Курти тврди „дека лицата во униформи без ознаки претставуваат организирана формација која дошла да се бори на Косово“.
На прес-конференција присуствуваше и заменик – генералниот директор на косовската полиција, Фехми Хоти, кој на прашањето дали има повредени, рече дека засега нема информации за тоа, но дека се уште има размена на оган.
Косовската полиција соопшти дека ноќеска во 2 часот и 34 минути, единицата за брза интервенција на граничната полиција забележала дека на влезот во селото Бањско, на мостот се поставени два камиони без регистарски таблички и дека влезот во ова село преку мостот бил блокиран. Кога на ова место пристигнале единиците од станицата Звечан, како што наведоа, „наишле на отпор“, биле застрелани двајца полицајци, а еден им подлегнал на повредите.
Курти и косовската претседателка Вјоса Османи ги обвинија „српските криминални банди“ за нападот врз полицајците.